Лидерот на Боко Харам е мртов: Абубакар Шекау се самоубил активирајќи експлозив

Лидерот на нигериската милитантна група Боко Харам, Абубакар Шекау, се самоубил, објави ривалска исламистичка група во аудиоснимка.

Исламска држава во провинцијата Западна Африка (ИСВАП) кажа дека Шекау се разнесол со експлозив во борбите помеѓу двете групи околу 18 мај. Боко Харам и нигериската влада засега не ја потврдија смртта на Шекау, за кого и порано имаше информации дека е мртов.

Во аудиоснимката што ја добиле неколку новински агенции, лидерот на ИСВАП, Абу Мусаб ал-Барнави, вели дека Шекау загинал на место откако го детонирал експлозивот.

„ИСВАП сакаше да му понуди шанса да се покае и да ни се придружи. Шекау избра да се понижи себеси во задгробниот живот место на земјата“, вели гласот на снимката.

Еден новинар поврзан со безбедносните служби изјави дека Шекау загинал кога ИСВАП ги нападнал позициите на Боко Харам во шумите во североисточна Нигерија.

Абубакар Шекау го презеде водството на Боко Харам во 2009 година по смртта на основачот на организацијата и потоа ја трансформираше во група која сееше страв и трепет во североисточна Нигерија. Боко Харам изведуваше бомбашки напади и киднапирања низ регионот и се верува дека е одговорна за смрт на повеќе од 30.000 и за раселување на два милиона луѓе. Агендата на Шекау беше толку радикална што беше отфрлена од Исламска држава, поради што и дојде до формирање на ИСВАП.

САД ја уценија главата на Шекау на седум милиони долари откако ја прогласија Боко Харам за терористичка организација.

07.06.2021 - 10:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа