Лидерите на ЕУ и на Западен Балкан со поддршка на Договорот

 

Лидерите на Европската Унија и на Западен Балкан на синоќа завршениот Самит во Лондон во рамки на Берлинскиот процес покрај потврда на заложбата за зајакнување на регионалната соработка, упатија и едногласна поддршка за Договорот од Преспа и неговата имплементација со оценка дека храброста на премиерите Заев и Ципрас е модел за решавање и на најсложени билатерални прашања.

Премиерот Заев, кој на Самитот ја предводеше македонската владина делегација, имаше обраќање на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, со кој претседаваше британската премиерка, каде посебно место доби токму Договорот за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји, потпишан на 17 јуни во Преспа. На сесијата, тој истакна дека Договорот всушност, е најдобриот придонес за нови модели на однесување и за воспоставување нови пријателства и односи меѓу државите и политичарите.

- Со премиерот Ципрас избравме да оставиме решенија, како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества, а не за нас, и за нашите политички партии. Такви се лидерите на Европа. Што ќе беше Европа денес ако не беа лидерите кои на политичката сцена излегуваа со траги за паметење, траги заради кои ние денеска ги уживаме плодовите на нивното визионерство? Што ќе беше Европа денес ако на политичката сцена излегуваа самобендисани и самодоволни, кусогледи политичари, без визија?“, нагласи премиерот Заев.

Тој изрази благодарност за континуираната поддршка што на овој процес му ја даваа лидерите на земјите членки на ЕУ, поддршката на лидерите на ЕУ, и за поддршката на лидерите на нашите соседи и пријатели од Западен Балкан. Воедно, ги повика земјите од Западен Балкан да се обединат околу регионалната соработка и околу фактот дека историјата е значаен дел од нашите идентитети, но никогаш не може да го заземе местото на нашата иднина.

На  Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Лондон премиерот Заев имаше средба со претставниците на Охридската група, пријатели и поддржувачи на Македонија, предводени од поранешниот генерален секретар на НАТО сер Џорџ Робертсон на која тие порачаа дека напредокот на Македонија немаше да биде можен ако не беше храброто лидерство и успешната реализација на реформите.

На средбите искусните дипломати и политичари, претставници на повеќе меѓународни организации ја нагласиле историската важност за постигнатиот договор со Грција кој ги отвори вратите за членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ. Потенцирале дека пред земјата е единствена шанса за трајно стабилизирање и за остварување на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО, кои гарантираат економски напредок и демократски институции. 

Шефот на македонската дипломијата Никола Димитров вчера на дебата што се одржа во рамки на  Самитот „ЕУ - Западен Балкан“ во Лондон, одговарајќи на прашање нагласи дека референдумот претставува историска крстосница и оти големи се шансите дека граѓаните ќе го поддржат договорот.

- Една од главната лекции во минатото ни беше како национализмот се користеше за покривање на корупцијата и злоупотребата на службената должност. Ова е борба меѓу минатото и сегашноста, национализмот и патриотизмот, чувството дека сме жртва, дека соседите се лоши. Ќе го сториме најдоброто и верувам дека ќе биде доволно. Верувам дека луѓето во Македонија во минатото правеле мудри избори на вакви историски крстосници. Подобро е опозицијата повеќе да мисли на земјата, отколку на својата политичка кариера, но сите ќе созрееме во тој процес, рече Димитров. 

 

 

 

11.07.2018 - 07:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега