Левица поднесе иницијатива за формирање на ЈП за производство и продажба на електрична енергија во Куманово

Советникот на Левица Никола Лазаревски, поднесе иницијатива за донесување одлука за изработка на студија, за основање на јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија. Во соопштението испратено до медиумите се наведува дека со формирањето на јавно претпријатие се отвора можност Општината да остварува приход од овие дејности, со што за краток период ќе го амортизира финансискиот удар од високата цена на струјата, а на долг план, со добро менаџирање, да остварува и финансиска добивка која би ја инвестирала во подобрување на условите за живот во Куманово.
 
 
Првична цел на ова ЈП е да изгради фотоволтаични централи на сите поволни локации кои ги стопанисува Општина Куманово (кровови на училишта, градинки, општински згради) и со нив да стопанисува, додека во втора фаза – да инвестира во производствени капацитети за електрична енергија. Во последната фаза на развој, ова ЈП самостојно би вршело снабдување со електрична енергија на Општината и нејзините институции, како и други потрошувачи. Државното земјиште наместо да биде продадено на приватни лица кои имаат свои бизнис интереси во нашата општина, може да се искористи за поставување на фотоволтаични панели на погодните државни земјишта, велат од Левица.
 
 
Во Куманово приватни лица поведоа постапка за поставување фотоволтаични централи во кумановско, соопштија неодамна надежните од секторот за урбанизам од општината. Eдната од централите има јачина од десет мегавати и се наоѓа во село Речица, втората со јачина од три мегавати во село Табановце. Проектните програми за изработка на урбанистички проект вон опфат на урбанистички план со намена за е-инфраструктура, површински соларни и фотоволтаични електрани (фото-напонски панели за производство на електрична енергија кои се градат на земјиште) се објавени на општинската веб-страница. Претходно, на јавна набавка беше избрана и фирма за поставување фотоволтаици на три средни училишта.
 
 
Во Куманово од декември лани, од почетокот на енергетската криза за поставување фотоволтаици на објекти издадени се над дваесетина дозволи, најмногу производни капацитети. По енергетската криза Куманово, преку локалниот економско- социјален совет организираше неколку средби со компании, бизнис заедницата, но и со претставници на училишта, градинки други јавни општински установи кои имаа можност да слушнат за придобивките од поставување на фотонапонски панели, за можностите за олеснување и ублажување на последиците од кризата, преку практични примери кои ги презентираа корисниците на панелите.
27.09.2022 - 14:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа