Левица: Нашите пратеници ќе предложат lex specialis закон за уставните судии

Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница предложија кандидати за судии на Уставниот суд. СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, со предложените кандидати, повторно покажаа дека немаат намера да отстапат од праксата за партизација и етнизација на функцијата – уставен судија.

Оваа долгогодишна состојба на избор на уставни судии, по партиска и етничка основа, е системски легализирана со позитивното законодавство. Постојното законодавство нуди непрецизни и паушално поставени критериуми за избор на уставни судии, особено фамозната флоскула „истакнат правник“. Поради тоа, во нетранспарентна постапка, зад затворени врати, се фаворизира изборот на веќе договорени неквалитетни кадри, а се маргинализираат лица со висок професионален и правен кредибилитет, кои директно доаѓаат од правната фела.

Уставниот суд е посебен уставен орган кој, според својата уставна положба, не спаѓа во системот на организацијата на државна власт, туку претставува орган sui generis. Оттука, Уставниот суд не треба да биде само заштитник на уставниот поредок, туку треба да е и двигател на реформата на правната култура и водич на редовното судство во толкувањето на уставните вредности и начела.

Единствено решение, во насока на спречување на негативните консеквенци од досегашното практично делување во овој правец и враќање на професионалноста, кредибилитетот и довербата во Уставниот суд е да се донесе нов закон кој експлицитно ќе ја уреди оваа сфера.

Од тие причини, пратениците од Левица, Апасиев и Крмов, во Собранието на Република Македонија ќе предложат нов посебен (lex specialis) закон за уставни судии. Овој закон предвидува комплетна реформа во постапката и условите за избор на уставните судии.

Предложеното законско решение воспоставува единствени и општо прифатени услови за избор на уставните судии, со што ќе се реализира долгогодишната заложба и пред сè, насушната потреба за реформа на уставното судство кај нас

Соопштение од Левица

16.05.2022 - 15:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа