Кандидатот на Левица за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ вчера во гостување на ТВ Сител избегна да каже дали Левица ќе го поддржи кандидатот на ДУИ или на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг во Кичево, наведувајќи дека партијата допрва ќе донесе став.
Мециновиќ не откри дали неговата партија во вториот круг од локалните избори во Општина Кичево ќе заземе страна меѓу актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.
На прашањето дали Левица ќе поддржи некој од двајцата, Мециновиќ избегна директен одговор, наведувајќи дека партијата сè уште не донела официјален став.
– Портпаролската функција за овие избори ми е ставена на пауза. Не дека нема да имаме став, ќе имаме став. Не ми е местото сега јас да го коментирам ова, затоа што имаме една голема обврска пред нас, а тоа е вториот круг за Град Скопје, одговори Мециновиќ.
За време на кампањата, Левица остро го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека во повеќе општини, како Тетово, Гостивар и Струга, нема свои кандидати за градоначалници, со што, според нив, индиректно ја поддржува коалицијата Вреди.
Денеска пратеничката и генерален секретар на партијата, Јована Мојсоска, изјави дека Вреди и Демократската унија за интеграција (ДУИ) отворено соработуваат во три општини – Чашка, Брвеница и Кичево – како „благодарност“ за тоа што ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски не истакнале свои кандидати во Гостивар, Тетово и во Струга.
Од владејачката коалиција Вреди, пак, вчера порачаа дека граѓаните на Кичево треба самите да одлучат кому ќе ја дадат поддршката во вториот круг, во кој ќе се соочат нивниот коалициски партнер од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, и актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“.
Иако Вреди не упати директен повик да се поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, тоа веќе го направија за неколку други кандидати на нивните коалициски партнери што влегуваат во вториот круг.

