Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција упати остри критики до СДСМ и нивниот лидер Венко Филипче во однос на прашањето за уставните измени. Според него, опозицијата работи директно против волјата на сопствениот народ и одработува за туѓи интереси.
Лефков истакна дека огромно мнозинство од македонското општество не го прифаќа менувањето на Уставот под тековните услови, посочувајќи дека СДСМ го става приватниот пред државниот интерес.
„Над 80% од граѓаните сметаат дека уставни измени под диктат на Бугарија не треба да се прифаќаат, само Филипче ги промовира и поддржува. Филипче и СДС се ставија директно на тацна на Бугарија и на Румен Радев и одработуваат во интерес на други држави, затоа што се уценети“, изјави Лефков.
Пратеникот додаде дека граѓаните бараат интеграција во Европската Унија, но исклучиво со зачувано достоинство, интегритет и идентитет. Тој обвини дека претходното седумгодишно владеење на СДСМ резултирало со распродажба на националните интереси.
„Мекото ткиво во Македонија предводено од Филипче и СДС, носи само штета на државата. Затоа, граѓаните даваат огромна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, за да можеме исправено да ја претставуваме нашата историја, култура, јазик и идентитет пред оние кои тоа ни го негираат, а соработуваат токму со Филипче и СДС“, заклучи Лефков на прес-конференцијата.


