Лефков: Над 70.000 граѓани на улица ја делегитимираа власта

 

Народот се одлучи за промени, над 70.000 граѓани на улица ја делигитимираа власта, ќе има целосна блокада доколку нема договор за избори ова лето, изјави на прес-конференција Миле Лефков, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата е делегитимирана од народот. СДСМ и ДУИ немаат легитимитет да продолжат да ја водат државата. Никогаш до сега не излегол толку народ на улиците, за во еден глас да побара промени и подобар живот. Владата паѓа, зошто народот е гневен и осиромашен, а СДСМ и ДУИ се причина за гневот и сиромаштијата. Народот не може веќе да чека нешто да се подобри. 5 години државата стагнира, народот осиромашува, криминалот царува. Премногу е“, рече Лефков.

Во однос на најавата на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе настапи целосна блокада ако нема договор за избори до крајот на летово, Лефков рече дека тоа ќе биде целосна блокада на Собранието, на институциите, на патиштата и протести низ градовите бидејќи нема време за чекање, а ако се чека кризата ќе биде уште поголема.

ВМРО-ДПМНЕ почнува со протестно лето, вели Лефков. Тимови од партијата, членовите на ИК на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посетат сите населени места, ќе се изврши општа мобилизација и изразување на незадоволството од политиките и лошата перспеткива и економска состојба.

„Владата мора да падне. Оваа криминална и корумпирана власт мора да си замине. Народот бара нова енергија“, додаде тој.

19.06.2022 - 13:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа