„Лажната вест“ на Милошоски не била толку лажна

„Лажната вест“ на Антонио Милошоски се помалку изгледа така. Последниот натпис на угледниот француски весник „Ле Монд“ како да ги потврди информациите кои ги изнесе екс министерот за надворешни работи.

Проширувањето на ЕУ кон Балканот е блокирано од Париз, Берлин и Хаг, под овој наслов париски Ле Монд ја објаснува одлуката на 28-те земји членки за одложување на одлуката за преговори до октомври оваа година, јавува дописникот на МИА.

„ Прашањето за проширувањето на ЕУ со шесте земји од Западен Балкан останува прашање на поделби меѓу земјите-членки и тие можната одлука ја оставија до октомври. Истовремено усвојувајќи дваесет и две страници на заклучоци за проширувањето и предусловите за сите кандидати, пишува „Монд“, пренесува МИА.

Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние денеска на Советот за евроинтеграции истакна дека земјата успеа да направи голем чекор напред кој е нотиран во Извештајот на ЕК, но нагласи дека поради политички дебати или политички маркетинг често се фокусираме на прашања со датуми, кои можеби не се толку од суштинско значење. Суштинско, вели, е вистински спроведената работа, а тука постои најголема загриженост. Претстои, рече Тимоние, уште многу напорна работа, која тие ќе ја поддржат, но има и работи што треба да ги заврши ЕУ, која треба да ја обнови својата рамка за подготвено да ги пречека земјите од Западен Балкан.

-Наредните месеци до есента можат да служат како повод за да се испорачаат дополнителни докази за вашиот капацитет за реформите и корисно да ги отворите преговорите. Не можам да прифатам кога ми велат дека можат да се отворат преговорите, а потоа да траат како што е случај со други земји. Ние сме убедени дека вашето место е во ЕУ и повеќе инсистираме на добро организирана појдовна точка и почеток на преговорите, отколку да се отворат преговори кои се неопходни поради можеби политички маркетинг, туку сакаме на општеството да му испорачаме позитивни сигнали. Потребни ни се тие сигнали од ваша страна. Јасно е дека вам ви се потребни тие сигнали, но и кај нашето јавно мислење се потребни сигнали за да се докаже дека политичкото општество овде реално се менува и дека Западен Балкан нема да донесе со себе дополнителни потешкотии во еден систем во кој веќе има многу загрижености, рече Тимоние.


Премиерот Заев вчера рече дека ниту една земја не била против доделувањето датум за старт на преговорите со Македонија и дека одложувањето било поради технички причини, односно неможноста на германскиот Бундестаг да одржи седница на оваа тема.
Сепак, париски „Ле Монд“ има други сознанија.

Бундестагот, всушност, сé уште не го одобри отворањето на преговорите, овозможувајќи им на колебливите земји-членки да се засолнат зад тоа. Холандскиот парламент ја отфрли идејата за каква било одлука за Албанија во 2019 година. Што се однесува пак до Франција, нејзината линија е: „Нема проширување без претходно зголемување на интеграцијата на Унијата. И без испитување во однос на нејзиниот „капацитет за апсорпција” и за стратегијата во однос на балканските земји: како да ги „поврзе” во Европа без притоа да им се ветува членство? – објаснува угледниот париски весник.

Очигледно е дека и парискиот весник има информации дека најмалку 3 земји и тоа оние клучните во ЕУ се против проширувањето со земји од Балканот, а во овој медиум, „лажни вести“ не поминуваат. .

Екс шефот на дипломатијата пред неколку дена објави дека 7 земји членки на ЕУ се против доделувањето на датум за Македонија за старт на преговорите ова лето.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.06.2019 - 13:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега