Лазаров: Доколку продолжиме да работиме на овој начин, Македонија има иднина

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кире Лазаров изјави дека нашите ракометари одиграле квалитетно при поразот од Исланд во последниот меч за нас во групната фаза на Светското првенство.

Нашиот најдобар играч го повтори мислењето дека со својата игра, репрезентацијата не се посрамотила против ниту еден противник во групата.

– Јас и пред почетокот на првенството дадов изјава дека ќе биде светско чудо ако се пласираме во следната фаза. Почнува промената на генерации, многу млади играчи во последен момент се најдоа во репрезентацијата, со никакво искуство. На СП може да се добијат 1-2 натпревари на искуство, но како одминува времето, така се губи енергија. Дојдовме тука со „детска градинка“ но за овие млади играчи само позитивни оценки, тие се голем потенцијал. Треба да се охрабат и да им се даде ветар во грб. Можам да гарантирам дека доколку продолжиме да работиме на овој начин, Македонија не треба да се грижи за својата иднина, изјави Лазаров по поразот од Исланд.

Бекот на Нант смета дека сега не треба да се предаваат и да се откажат, туку треба да се „засукаат ракави“ и уште повеќе да се работи, а овој неуспех не смее да ги демотивира.

Лазаров посочи дека на ова првенство недостасувале многу искусни играчи, меѓу кои и Миркуловски, Марковски, Велковски, Јоновски, Ојлески што придонело за овој резултат.

Тој го прокоментира и судењето на дел од натпреварите.

– Имаше моменти, во клучни ситуации, кога бевме оштетени на овој меч, како и на дуелот со Хрватска, но сепак не смееме да се демотивираме, вели Кире Лазаров.

На прашањето дали помладите играчи треба да ги одиграат последните два натпревари, капитенот смета дека за тоа треба да одлучи селекторот Гонзалез и стручниот штаб.

– Ние ќе бидеме на располагање, а стручниот штаб ќе одлучи. Ќе видиме како размислува Раул и РФМ, но треба да се обидеме да победиме за овие млади играчи да изградат победнички карактер. Зошто да завршиме со два пораза, кога може да се заврши со две победи и да се создаде една позитивна слика на ова СП, заврши Лазаров.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.01.2019 - 21:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега