Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија е подготвена да спроведе нуклеарни тестови, но само доколку и другите нуклеарни сили го направат тоа.

Во интервју за руски медиуми, Лавров нагласи дека Москва е отворена за дијалог со САД во врска со, како што ги нарече Вашингтон, „сомнителните подземни активности“.

„Москва е подготвена да разговара за загриженоста на САД за она што Вашингтон го нарекува ‘сомнителни подземни активности’“, изјави Лавров, додавајќи дека Русија е загрижена од изјавите на САД кои, според него, сугерираат дека нуклеарните тестови би можеле да се користат за геополитички цели.

Шефот на руската дипломатија предупреди дека САД би можеле значително да се оддалечат од концептот за недозволивост на нуклеарна војна – принцип кој двете земји го споделуваат повеќе од половина век.

Лавров потсети дека Русија претходно предложи едногодишно продолжување на ограничувањата според Договорот за стратешко офанзивно оружје (СТАРТ).

„Според Москва, одлуката за продолжување на ограничувањата може да се донесе во секое време до 5 февруари 2026 година, кога истекува Договорот. Не се потребни нови консултации со САД, туку само согласност од Вашингтон,“ истакна Лавров.

Тој додаде дека Москва останува посветена на контактите со Вашингтон, потсетувајќи на договорот меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп постигнат во Будимпешта, како и на можноста за нов состанок на двата лидери.

„Руската страна е подготвена да разговара со САД за продолжување на подготовките за состанок меѓу Путин и Трамп, доколку и кога американската страна ќе го презентира својот предлог,“ нагласи Лавров.

Exit mobile version