„Лајка“ почнува со работа, следната недела Советот ќе ја одобри програмата

На следната седница на Советот на Град Скопје ќе се расправа за Програмата за хуман третман и благосостојба на животните скитници за работење на ЈП „Лајка“. Со спроведување на програмата, како што соопшти денеска Град Скопје, ова јавно претпријатие ќе биде првата алка во синџирот за хумано решавање на проблемот со кучињата скитници.

Програмата, како што информираат градските власти, предвидува заловување на нерегистрирани или видно необележани кучиња на јавни површини, без сопственик, нивен преглед во ветеринарната служба во стационарот, привремено сместување во стационарот до нивно вдомување или враќање на локација од каде што се заловени или трајно згрижување во резерват за кучиња.

Претходно, како што наведуваат, кучињата ќе бидат тестирани, третирани (по потреба), вакцинирани против беснило и заразни болести, дехелминтизирани, стерилизирани/кастрирани и обележани со ушна маркица и микрочип.

Од Градот информираат дека најзначајна новина е регистрацијата, односно отворањето на ветеринарна служба на Градот чии услуги ќе бидат по минимална пропишана цена од ценовникот на Ветеринарната комора на СРМ. Истата ќе биде опремена по најсовремени стандарди и ќе има две хируршки сали, дел за интензивна нега, приемен преглед, чекална, стерилна просторија и просторија за лекови, а новина се и брзите тестови за детекција на болести и задолжителната вакцинација и ревакцинација на кучињата скитници.

-Стационарот го зголеми својот внатрешен капацитет и при реконструкцијата на постојниот објект од 80 дотраени метални боксови, се направија нови ѕидани 100 апартмани за кучиња со подно греење и со вентилација по стандардите пропишани во правилниот за прифатилишта од Агенцијата за храна и ветерина, соопшти Град Скопје и наведе дека дополнително ќе се искористи и надворешниот дел од објектот и се поставуваат нови 60 боксови за поголеми раси на кучиња кои ќе имаат пристап до новиот парк.

Граѓаните, како што се посочува во соопштение, ќе имаат можност на СОС телефонската линија да пријават повреда од каснување на куче, а дежурниот вработен на линијата е должен да пријави итен случај во стационарот и во Агенцијата за храна и ветеринарство чиј инспектор е должен понатаму да постапи согласно со законот.

-Освен со ушна маркица кучињата ќе бидат обележани и со микрочип и за секоја единка ќе се води уредна електронска евиденција за здравствената состојба. Во стационарот ќе има возила за брза интервенција при итни случаи од каснување на куче кои ќе бидат на располагање 24 часа за граѓаните, соопшти Градот.

Доколку кучето кое нападнало е на местото на настанот истото веднаш ќе биде заловено, а потоа ќе се постапува по проценка на ветеринарот и пропишаните правила на програмата за прием на ново животно во стацинарот.

-Евтаназијата се спроведува само и исклучиво како хумана евтаназија на болни животни, кои се смртно болни или повредени – во терминален стадиум на болест или повреда, кога е неизлечлива состојбата, кога е невозможно да се елиминира болката и при позитивни резултати од наведените болести (парвовироза и штенечак) и во случаи кога се агресивни животните и претставуваат закана за околината. Програмата евтаназија смее да се изведе само како последна опција во случаи кога нема никој заинтересиран да го преземе понатамошното лекување на многу болно животно, како и во случаи кога станува збор за екстремно агресивно животно за кое нема можност за ресоцијализација, се наведува во соопштението на Град Скопје.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.02.2020 - 12:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега