Економскиот раст од 4,3 проценти во вториот квартал од 2026 година е поддржан од силен раст на инвестициите, извозот и градежништвото, изјави денеска на прес-конференција Биљана Кузманоска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, ваквите позитивни резултати покажуваат дека економскиот напредок се темели врз реална и конкретна економска активност.

„Во вториот квартал од 2026 година, бруто-инвестициите растат за 16,5 проценти, а извозот на стоки и услуги за 10,4 проценти. Особено силен резултат бележи градежништвото со раст од 21,9 проценти, додека преработувачката индустрија расте за 4,1 проценти. Ова се важни показатели за структурата на растот“, посочи Кузманоска.

Таа додаде дека растот на инвестициите создава основа за нови капацитети, додека извозот го олеснува пласманот на македонските компании на странските пазари.

„За нас ова е особено важно бидејќи целта не е краткорочен резултат, туку одржлив економски раст кој создава нова вредност. Затоа економската политика и понатаму ќе биде насочена кон поттикнување на инвестициите, поддршка на компаниите, реализација на капиталните проекти и подобрување на конкурентноста на македонската економија“, нагласи пратеничката.

Кузманоска истакна дека крајната цел на овие мерки е подобрување на животниот стандард, преку нови работни места и повисоки приходи за сите граѓани.

„Следниот чекор е овие позитивни движења да се преточат во она што е најважно за граѓаните, а тоа се повеќе можности за работа, повисоки приходи и подобар животен стандард. И Додека талогот од општеството ликува на неуспеси и единствено што сака е Македонија да не успее, ние ќе работиме исклучиво на добробитот на граѓаните“, заклучи таа.

Exit mobile version