Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) категорично ја отфрла можноста за било каква алтернатива на европскиот пат на земјата, вклучително и приближување кон БРИКС или меѓународна изолација. Ова денеска го истакна портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со неофицијалните најави за можен прием на нови земји-членки во ЕУ без право на глас.

Кузеска потенцираше дека до денес не постои официјална одлука од клучните европски институции (Европската комисија, Европскиот совет или Европскиот парламент) која би предвидувала ваков модел на членство.

„Доколку тоа стане официјална позиција на ЕУ, дури тогаш може да се разгледува. Ставот на СДСМ е јасен – ние сме за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, вклучително и полноправно членство со сите права, меѓу кои и правото на глас“, нагласи портпаролката на СДСМ.

Во своето излагање, Кузеска упати остри критики кон актуелната власт, обвинувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски дека свесно ја саботираат европската иднина на државата.

„За жал, гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не сакаат во Европа. Тие водат антиевропска кампања, претставувајќи ја ЕУ како ‘булинг’ кон Македонија, наместо да признаат дека критиките од ЕУ се резултат на неисполнети обврски и реформи неопходни за членство. Намерно создаваат проблеми со соседите, ги блокираат уставните измени и со тоа ја држат државата во стагнација“, рече таа.

Според СДСМ, вистинската причина за ваквото однесување на власта е избегнувањето на европските стандарди за транспарентност. „Не ја сакаат ЕУ затоа што тогаш би морале да престанат со нетранспарентни тендери, партиски вработувања и контрола врз буџетот – а тоа не им одговара“, заклучи Кузеска, додавајќи дека за СДСМ не постои друга опција освен Европа.

Exit mobile version