Владата и премиерот Христијан Мицкоски мора да ѝ одговорат на јавноста како и зошто лице со криминално минато и антимакедонски ставови е избрано за почесен конзул на земјава во Србија. Ова денеска го порача портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обелоденувајќи низа скандалозни тврдења за Душан Адамовиќ, кому неодамна му беше предадена егзекватурата за почесен конзул со седиште во Панчево.

Кузеска потенцираше дека станува збор за човек кој е близок со српскиот државен врв, но и кој во минатото јавно ја негирал македонската држава.

„На платформата Икс може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам: ‘Српска Македонија’ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, координатор за Срем и координатор за Јужен Банат“, истакна Кузеска на прес-конференцијата.

СДСМ презентираше и информации од српските медиуми кои го поврзуваат новиот македонски почесен конзул со тешки криминални досиеја и вооружени инциденти од минатото.

„Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 година, поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Медиумите пренесуваат дека во 2008 година, на само 24 години, бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат со него“, нагласи портпаролката на опозициската партија.

На крајот од своето обраќање, Кузеска упати директни прашања до Владата и до премиерот за тоа како поминале безбедносните проверки за овој кадар и дали зад назначувањето стојат лични релации.

„Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија, е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија и каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, запраша портпаролката на СДСМ.

Exit mobile version