Кутиров: Евроинтегративниот процес е високо на агендата на Царина, ја воведуваме и е-Царина на ЕУ

 Според директорката на Царинската управа, Славица Кутиров примената на европските стандарди и најдобри практики се императив во работењето. Таа во интервју за „Капитал“ кажа дека евроинтеграцискиот процес е високо на агендата на Царинската управа оваа година, имајќи предвид дека Владата на оваа институција и ја додели улогата да раководи со Поглавје 29: Царинска унија.

 

 -Веќе се формирани преговарачки тимови и се започнати подготовките за првиот билатерален состанок за ова поглавје, закажан за јуни оваа година. Покрај во Поглавје 29, Царинската управа со свои експерти активно учествува и во 12 други поглавја, со значаен придонес за прашањата во надлежност на Царината. Новите проекти чија имплементација ќе започне годинава, се дел од агендата за усогласување со последните регулативи и системи задолжителни за примена на земјите од Европската Унија и се дел од Повеќегодишниот план за воведување на еЦарина на Европската Унија. Во таа насока, продолжувајќи ја дигиталната трансформација на Царината, годинава ќе започнеме со развој и имплементација на четири нови царински системи, и тоа: нов транзитен систем – NCTS 5, нов национален едношалтерски систем (NSW), систем за електронска регистрација на економски оператори EORI 2, како и нов систем за контрола и истраги, рече Кутиров.

 Таа истакна дека многу е значајно што годинава ќе се започне со имплементација на централен податочен склад, кој ќе ги интегрира царинските бази на податоци и кој ќе овозможи примена на напредни алатки за предвидливи анализи и алатки базирани на вештачка интелигенција, што придонесува за ефикасно откривање и справување со ризиците и заканите во царинското работење.

-Годинава ќе започнеме и со воведување на еден нов концепт на т.н. паметни граници. Во рамките на овој концепт на граничните премини и терминали ќе поставиме нова опрема базирана на современи технологии, која ќе може да комуницира меѓу себе и да се интегрира со тековната ИКТ инфраструктура и системи. Оваа опрема вклучува нов систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на возилата (CCTV и ANPR), интегриран со читачи на кодови на документи, нови автоматизирани рампи и ваги. Целосната имплементација на овој нов концепт на работа, во кој повеќето процеси ќе се одвиваат автоматски, ќе придонесе на намалување на потребата од човечки фактор на граничните премини и терминали, ќе го забрза протокот, ќе влијае на поефикасни контроли и ќе придонесе за намалување на сивата економија и корупцијата. Средствата за овие нови проекти во најголем дел се обезбедени од ИПА програмите преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, заем од Светска Банка, други странски донатори, како и Буџетот на државата, нагласи Кутиров.

28.01.2023 - 12:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа