Курти за Отворен Балкан: Ќе поддржиме иницијативи во кои од самиот почеток е вклучена ЕУ

– Поддржуваме иницијативи во кои од самиот почеток е вклучена Европската Унија, наместо тоа да го правиме без ЕУ. Ние го поддржуваме заедничкиот регионален пазар и сметаме дека тоа е вистинскиот пат нанапред, изјави денеска косовскиот премиер Албин Курти на Самитот за Западен Балкан „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“ што се одржува денеска во Скопје во организација на „Економист“, во одговор на прашањето дали ја поддржува иницијативата Отворен Балкан.

Курти истакна дека даваат поддршка на нов договор со посредништво на ЕУ, што, како што рече, ќе го олесни спроведувањето на иницијативите во кои е вклучена самата Унија.

– Веруваме дека е многу подобро доколку од самиот почеток ЕУ е вклучена во сите иницијативи наместо да се обидуваме да го правиме тоа без ЕУ. Од друга страна морам да кажам дека ниту како политичка ориентација, ниту како културна сензитивност јас не припаѓам во групата луѓе кои веруваат во самодоволноста на Балканот. Јас сметам дека ЕУ е нашата судбина, а Европа е нашиот континент, истакна Курти.

Меѓутоа, додаде тој, за таа цел потребно е да ја вклучиме ЕУ, таа треба да биде вклучена во сите наши земји, но да не импровизираме да работиме внатре, туку потребна ни е помош однадвор.  

– Економијата во Косово веќе напредува, меѓутоа токму поради таа причина потребно ни е помош од ЕУ, не хуманитарна како во минатото, туку развојни фондови, се со цел нашите институции да станат посилни, рече во овој контекст Курти.

14.10.2021 - 11:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа