Курти попушти по барањата од САД: За 48 часа ги одложи казните за српските регистерски таблички

 

Премиерот на Косово, Албин Курти најави дека го прифаќа барањето на САД и дека го одложува изрекувањето на казните за возачите на возила со српски регистарски таблички за 48 часа.

„Му благодарам на амбасадорот Ховениер за неговата посветеност и ангажман. Го прифаќам неговото барање за одложување од 48 часа во издавањето казни за нелегалните косовски (и други) регистарски таблички. Среќен сум што работам со САД и ЕУ за да се најде решение во следните два дена“, напиша Курти на Твитер.

Претходно, американскиот амбасадор во Приштина, Џеф Ховениер, најави дека Соединетите Американски Држави се загрижени што Белград и Приштина не постигнале договор за решавање на кризата во Косово.

„Побаравме од косовската влада да ја одложи за 48 часа примената на казните, со цел да им се овозможи на Европската Унија и Соединетите Американски Држави дополнително да ги ангажираат страните во изнаоѓање решение“, напиша Ховениер на Твитер.

Вчера, по неуспешните преговори во Брисел, косовската полиција соопшти дека денеска ќе почне да изрекува казни за сопствениците на возила со српски регистарски таблички.

Сообраќајот на административниот премин Јариње утрово се одвива без проблеми, откако Приштина за 48 часа го одложи изрекувањето на казните за возилата со српски регистарски таблички со почетните букви на градовите на Косово, јавуваат српските медиуми.

Припадници на специјалните единици на косовската полиција се присутни во близина на административниот премин на страната на Косово, јавува репортерот на Танјуг.

Специјалната претставничка на генералниот секретар и шеф на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Каролина Зијаде, изрази жалење што на разговорите во Брисел не е постигнат договор за надминување на сегашниот, како што наведе, „ќорсокак“ на Косово.

Зијаде ја истакна потребата да се избегне каква било ескалација што може да ја дестабилизира ситуацијата на теренот, да доведе до несакани последици и да ги загрози тешко стекнатите успеси во последната деценија, соопшти УНМИК.

Истакна дека дијалогот и компромисот се основа на секој план за одржлив мир.

Зијаде повика на одговорност и вистинска посветеност на дијалогот со посредство на ЕУ.

22.11.2022 - 09:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега