Верниците од исламска вероисповед денеска го одбележуваат Курбан Бајрам, вториот најголем муслимански празник по Рамазан Бајрам.

Празникот започнува со Бајрам намаз, молитва преку која верниците бараат милост и благослов од Алах.

Еден од главните обичаи за Курбан Бајрам е принесувањето курбан – жртва што симболизира посветеност и приближување кон Бога. Најчесто се жртвуваат овни или телиња, а месото потоа се дели со сиромашните, соседите и роднините, како чин на солидарност и хуманост.

Курбан Бајрам трае три дена и се слави 70 дена по Рамазан Бајрам. Празникот е тесно поврзан со аџилакот – петтиот столб на исламот, кој претставува симбол на вера, заедништво и духовна посветеност.

По повод празникот, поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема ефенди Шаќир Фетаи, упати честитка до верниците, посакувајќи мир, благосостојба и прифаќање на молитвите и жртвите.

Во својата порака, Фетаи истакна дека Курбан Бајрам носи пораки за љубов, еднаквост, солидарност и грижа за луѓето. Тој нагласи дека празникот потсетува на важноста на жртвувањето, хуманоста и помагањето на сиромашните и ранливите категории.

Според него, Курбан Бајрам ги поттикнува верниците да се оддалечат од омразата, поделбите и дискриминацијата, а да градат мир, толеранција и меѓусебна почит.

На крајот од честитката, Фетаи им упати искрени желби за среќен и благословен Курбан Бајрам на сите верници и нивните семејства.

Exit mobile version