Куманово ќе и помогне на соседната општина Старо Нагоричане во справување со пожарот
Девет пожари биле регистрирани за 24 часа на подрачјето на Куманово, соопшти на денешната прес-конференција, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Како што инфромираше тој регистрирани биле пожари во Тромеѓа, Четирце, Пуковско, Пезово, Бељаковце, во фабрика за преработка на дрво во Доброшане и во Зубовце во викенд куќа.
– Во Мургаш всушност беше и најсериозниот пожар во изминатите 24 часа, во кој беа опожарени поголем број на куќи, покуќнини, домаќинства. За среќа нема човечки жртви и немаме сериозни здравствени повреди, освен во еден случај каде што дополнително од страна на надлежни медицински лица ќе се утврдат последиците, изјави Димитриевски.
Пожарникарите од Куманово 36 часа се ангажирани и работат покрај на подрачјето на Куманово и на териториите на соседните општини Старо Нагоричане и Липково.
Како што информираше Димитиревски еден од заклучоците од денешниот Кризен штаб за заштита и спасување, е да се стават на располагање дополнителните сили на противпожарната единица од Куманово на соседната општина Старо Нагоричане за справување со состојбата во Кокино, како и силите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ коешто врши континуиран дотур на вода со свои цистерни.
Димитриевски повика на смиреност и почитување на сите мерки и одлуки на Владата и централниот кризен штаб. Во однос на причината за настанатите пожари, тој истакна дека одговорноста треба да ја утврдат надлежните државни органи.
– Според укажувањата на дел од граѓаните сметаат дека можеби и електричната инсталација на одредени локации, односно преносот на електрична енергија е една од причините за појава на пожар на локација селото Мургаш. Лично, утрово ги посетив овие опожарени локации. Во моментов, покрај тоа што комплетно територијата на село Мургаш е ставена под контрола, се работи активно и на локација во близина на село Бељаковце или локалитет Липец, каде што директно имаме противпожарна екипа, потенцира тој.
Градоначалникот воедно испрати апел до месното население кое живее во село Бељаковце и на оваа територија да биде во приправност, бидејќи како што истакна има одредени места кои може да се реактивираат.
– Потребна е и граѓанска асистенција на одредени локации. Доколку забележат навремено да пријават до надлежните органи, а и дополнително самите да се вклучат во локализирање на таквите пожари на отворено, рече Димитриевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа