Кучан: Македонија покажа решителност, ЕУ и НАТО да го исполнат својот дел од задачата

Претстојниот Самит во Софија ќе ги откочи интеграциските процеси за земјите од Западен Балкан кои беа блокирани поради неможноста за првенствено продлабочување на внатрешните односи меѓу земјите членки во ЕУ, што следствено требаше да доведе до прием на нови земји членки, оцени поранешниот словенечки претседател Милан Кучан на денешната средба со претседателот на Собранието Талат Џафери. 

- Кучан, како личен сведок на осамостојувањето на државата Македонија, нагласи дека земјата покрај соочувањето со препреки во внатрешните односи, се соочила и со препреки во надворешните односи со соседите, препреки кои не зависат од добрата волја од страна на Македонија, ниту од нејзините заложби, информира собраниската прес-служба.  

Словенија, нагласил Кучан, секогаш ќе ја поддржува Македонија во нејзините евроатлантски аспирации зашто успеа да демонстрира решителност и исполнителност на својот дел од задачата кон ЕУ и НАТО. - Сега останува на нив да го исполнат својот дел од таа задача, посочил поранешниот претседател на Словенија.

Претседателот на Собранието Џафери изразил задоволство од одличните односи меѓу двете земји кои, како што рекол, се без отворени прашања, но и благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Словенија за македонските евроатлантски интеграции.

Џафери го информирал соговорникот за случувањата во Македонија изминатата година, за донесувањето на пакетот реформски закони заедно со опозицијата како дел од приоритетните области од Планот 3-6-9, за потпишувањето и ратификацијата на Договорот со Бугарија во делот на подобрувањето на односите со соседите и интензивирањето на разговорите со Република Грција за надминување на спорот околу прашањето за името.

На средбата Џафери - Кучан присуствувале и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија Фросина Ташевска Ременски,  Шпреса Хадри и  Неџбедин Каремани.

 

 

 

16.05.2018 - 17:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа