КСС: Надлежните да го санкционираат вулгарниот однос на Џафери кон вработените

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија има морална и етичка обврска да реагира на крајно вулгарниот однос на Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери. Вчерашниот настан којшто е пренесен преку социјалните мрежи е со крајно понижувачки и потценувачки однос кон вработените во Собранието на РМ и јасно ја искажува сликата и начинот на однесување на избраните и именувани лица коишто раководат со јавниот сектор во државата. Ова го потенцираат во соопштение испратено до медиумите од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

„КСС многупати јавно истакнува дека вработените во јавниот сектор работат под огромен пристисок од избраните и именуваните лица, што им создава стрес на работното место, а од друга страна заработуваат минимални плати со кои не можат да ги сервисираат своите животни трошоци. Многупати во извештаите на Европската комисија е истакнато дека главниот извор на корупција во јавниот сектор се токму именуваните и избраните лица кои без никаков респект секојдневно јавно ги напаѓаат вработените во јавниот сектор и прават притисок врз нив, со што работната атмосфера станува се понеподнослива.

Вчерашниот настан со кој Претседателот на Собранието на вулгарен начин се однесуваше кон вработените и демнострираше вербална сила е слика и прилика на целиот јавен сектор. Примерот којшто вчера го видовме само ги охрабрува истите тие раководители уште посилно да вршат мобинг, тортура и притисок врз вработените во јавниот сектор, но како што кажувавме многупати претходно, примерот за однесувањето кон вработените во јавниот сектор го даваат токму тие лица и затоа состојбата во дел од реалниот сектор е се поразочарувачка и работниците се почесто се одлучуваат да ја напуштат државата.

Ваквата состојба и ваквото однесување не водат никаде, само ја продлабочуваат кризата и нетрпението помеѓу работниците и затоа КСС бара јавно извинување од Претседателот на Собранието Талат Џафери кон истите тие работници коишто беа навредувани и вербално малтретирани од него и ги повикува институциите на системот да ги преземат сите мерки за санкционирање на ваквото нечовeчко однесување од страна на Претседателот на Собранието“, се наведува во нивното соопштение.

„Многупати кажaвме, многупати зборувавме јавно во минатото за притисоци, деградирање и малтретирање на вработените во јавниот сектор, а јавноста сега може и самата да се увери каква е нивната атмосфера на работното место, а самиот овој настан покажува колку е и грижата на оваа власт кон вработените и затоа истите тие се оставаат на маргините на опстанок со минимални плати, а самото тоа по себе дава пример за многу работодавачи во државата дека можат на истиот начин да се однесуваат кон работниците и затоа ве повикуваме сите јавно да го осудиме овој настан и еднаш засекогаш да почне да се почитува работникот во Република Македонија“, додаваат од КСС.

13.05.2022 - 13:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега