Од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека преку сомнителни трансакции и неуредна документација од Државна лотарија биле извлечени близу 3 милиони евра, повикувајќи се на наодите од најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Според партијата, ревизорите откриле „брутални докази“ за начинот на кој претходното раководство, посочувајќи ги Бајрами и Груби, управувало со институцијата.

Во соопштението се наведува дека ревизијата утврдила исплати на аванси за наводни „мали добивки“ на деловни соработници во висина од 14 милиони денари, при што за дури 13 милиони денари документацијата била или неуредна или целосно невалидна. Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека ДЗР нотирала спорна документација и за готовински одливи од 36 милиони денари и приливи од 7 милиони денари, за кои постојат изјави дека средствата никогаш не биле примени или вратени.

Најголемиот дел од сумата, според владејачката партија, се однесува на нереални сметководствени записи. Тие тврдат дека преку увид во трговските книги и централниот онлајн систем, ревизорите констатирале нелогични трансакции во износ од 123 милиони денари. Кога ќе се соберат сите ставки, од партијата велат дека зад себе е оставена спорна документација за над 180 милиони денари, за што бараат итна кривична одговорност.

Exit mobile version