Руската страна и понатаму смета дека преговорите за решавање на конфликтот во Украина треба да се одвиваат зад затворени врати, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Во изјава за РБК, Песков нагласи дека Москва продолжува да работи од позиција дека мировните разговори не треба да се водат јавно. Коментарот следи по написот на Блумберг, кој објави дека Русија наводно планира да бара измени во мировниот план од 20 точки, што неодамна беше објавен во украинските медиуми.
Според неименуван извор од Кремљ, кој зборувал за Блумберг, Москва го смета документот, подготвен од Украина и САД, само како почетна основа за натамошни преговори. Како што се наведува, планот не ги содржи сите клучни одредби важни за Русија и не дава одговори на повеќе отворени прашања.
Од Кремљ претходно потенцираа дека немаат намера да дискутираат за мировниот план за Украина преку медиумите.

