Граѓаните кои имаат забрана за управување со моторно возило повеќе нема да мора да вадат нова возачка дозвола за да им биде впишана санкцијата. Министерството за внатрешни работи (МВР) воведе нов дигитален систем кој функционира преку СМС пораки и електронска пошта, со што значително се кратат трошоците и административните процедури.
Процесот се одвива во две фази преку вашиот мобилен телефон:
- Прва порака: Пристигнува околу 7 дена по ажурирањето на вашите податоци во МВР и содржи информации за видот и времетраењето на забраната.
- Втора порака: Пристигнува 8 дена по првата. Забраната официјално започнува да тече од моментот на приемот на оваа втора порака.
Од МВР нагласуваат дека веќе се реализирани над 3.000 вакви забрани и ги повикуваат граѓаните со правосилни пресуди да ги ажурираат своите контакт податоци во подрачните единици за управни работи.


