КОВЗ не се меша во обредите на Кајшаров: Секој човек има право по сопствена совест да одлучи

Т.н. исцелителот Константин Кајшаров познат и како Тино тврди дека ослободува од демони, нечисти сили, проклетства и магии во името на Исус.

Тој на Фејсбук најави за викендов во Скопје, без прецизирање каде точно ќе биде новото исцелување.


Во објавата бара граѓаните што имаат демони и маки, за егзорцизам и помош претходно да се пријават телефонски.

Од Комисијата за односи со верските заедници појаснуваат дека стојат цврсто на ставот дека предрасудите не се мерило за пропустите против законот, а сериозно разгледувајќи го делувањето на субјектот укажува на Христијанската црква „Блага вест“ и до нејзиното одговорно лице Константин Кајшаров особено да внимава во односите со јавноста да не се создава сензационализам од манифестациите на верата и со зголемено внимание да се почитува интегритетот и достоинството на луѓето кои одлучиле да бидат дел од неговите обреди и ритуали, како и при делувањето.

Комисијата во денешното соопштение ја известува јавноста дека во непосреден контакт со правното лице Доброволна заедница на физички лица христијанска црква „Блага вест“ регистриран верски субјект во Единствениот судски регистар под број РСВЗРГ-1/16, утврдила дека лицето Константин Кајшаров кој самостојно ја информира јавноста за неговите активности кои ги дефинира како исцелување, ослободување од демони, проклетства и маѓии и за кои споделува видео прикази е одговорно лице, претседател и верско лице на Доброволната заедница на физички лица христијанска црква „Блага вест“ и како таков ги презема своите активности.

-Во демократски уставно-правен систем каков што е и тежнее да биде македонскиот, слободата на вероисповед и манифестации на својата вера е неприкосновено право на секој граѓанин, исто како што е неприкосновена и гарантирана полната слобода секој граѓанин да одлучи дали ќе биде дел од одредени манифестации на вера, ритуали и обреди, се наведува во соопштението од Комисијата за односи со верските заедници.

Оттаму посочуваат дека доколку било кој граѓанин бил доведен во заблуда, измамен или принуден против својата волја има право на судска заштита на своите права. – Граѓанин кој има сознание пак дека некое лице извршило кривично дело или друг деликт е повикан истото да го пријави. Секој човек има обврска и можност да размисли, но и право по сопствена совест да одлучи кому и дали ќе положи верба, се додава во соопштението.

23.09.2022 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега