Ковачевски: Со овој предлог сме во подобра позиција, македонскиот јазик е зачуван

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски по средбата со коалиционите партнери кажа дека модифицираниот предлог е добра основа за разговори.

„По европскиот предлог имаме дефинирано позиции за јасно прифаќање на македонскиот јазик, како и протокол да не биде во преговарачка рамка. Позицијата во која се наоѓаме е далеку поповолна од претходно“, кажа премиерот.

За да изградиме официјален став како држава, рече Ковачевски,  со оваа средба денеска го отпочнавме широкиот консултативен процес. Премиерот најави средби и со претседателот на државата кој е целосно досега упатен и консултиран со сите детали, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, медиумите, експертската и севкупната јавност во земјата.

Предлогот, вели Ковачевски, го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдења во различни форми сметам дека потонаа.  

-Како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед. Го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет.  

На денешната средба со коалициските партнери министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ ги образложиле и процесот и предлогот.

– Разговаравме со факти, детали, но и имајќи ја на ум и предвид нашата стратешка позиција и цел членството во ЕУ, рече премиерот, кој додаде дека коалициските партнери ќе го разгледаат предлогот и оти ќе дадат свое мислење за него. Ставот со нив, како што кажа, ќе биде изграден на следен состанок. Духот на разговорот, според Ковачевски, беше на ниво на исклучителна одговорност на моментот на којшто е исправена Република Северна Македонија.

Истакна дека процесот за носење конечна одлука е транспарентен и ќе бидат споделени со јавноста релевантни детали.

 

– После оваа средба целиот предлог ќе биде објавен на веб-страната на Владата. Но, од нас најмногу зависи како ќе тече, во која насока ќе се движи тој процес. Затоа ова е првиот состанок во државата, ова е првото и најважно место за носење мудри, прецизни и државнички одлуки.  Одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме ние на принцип на заеднички позиции, мериторна основа, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани, рече Ковачевски.

01.07.2022 - 14:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега