Ковачевски од Брисел: Итно отворање на преговорите за Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски за време на еднодневната работна посета на Кралството Белгија и ЕУ, во изјава пред средбата со потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел ја истакна важноста од интеграцијата на Северна Македонија и Западен Балкан во Европската Унија.
 
Во продолжение изјавата на премиерот Ковачевски во целина:
 
„Задоволство е да се биде вечерва тука заедно со моите колеги и потпретседателот Борел.
Се соочуваме со досега невидена состојба во историјата на нашиот континент.
 
Овие состојби нè натераа да бидеме обединети како никогаш досега и да ги усогласиме нашите политики.
Вечерва со потпретседателот Борел и другите колеги дискутираме за итни прашања, но и прашања кои се однесуваат на среден и долг рок, прашања кои потекнуваат од кризата и нашата улога кон Русија, а во врска со нејзината инвазија врз Украина.
 
Исто така, ќе дискутираме и за енергетската безбедност, како и за економските и финансиски импликации што ги носи кризата за нашата земја и за регионот.
Покрај тоа, ќе дискутираме за начинот и активностите што ќе ги спроведеме заедно за да ја зацврстиме и подобриме поддршката на ЕУ за регионот на Западен Балкан, како регион што е изложен на кризата што доаѓа од војната во Украина.
 
Поконкретно, за Северна Македонија со потпретседателот Борел ќе дискутираме за потребата од итно отворање на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија, бидејќи проширувањето на ЕУ не е само политички процес, туку во поглед на новиот гео-политички развој, особено поради војната во Украина, веќе станува и безбедносно прашање во регионот на Западен Балкан“.
11.05.2022 - 20:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега