Костовски: Овие денови ни се случува национален срам, но оние кои се дел од националното предавство, многу скоро ќе се соочат со правдата

Пратеникот во македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски денеска од пред Владата на Македонија порача дека овие денови ни се случува национален срам и дека оние кои што учествуваат во националното предавство на македонскиот народ, преговарајќи тајно за македонските национални интереси, многу скоро ќе одговараат и ќе се соочат со правдата.

Тој истакна дека македонските граѓани, овој пат не се наоѓаат пред класична политичка битка помеѓу две партии, туку дека македонскиот народ се наоѓа пред една историска битка, на која на едната страна е македонскиот народ, а на другата предавничката Влада предводена од Зоран Заев.

„Овие денови ни се случува национален срам, навистина чувствуваме и болка и затоа сакам да најавам дека за многу скоро сите овие кои што беа дел од ова национално велепредавство ќе се соочат со својата сопствена одговорност тоест ќе се соочат со правдата. Одговорност мора да има!“, порача Костовски.

Тој порача дека на Македонија им е доста од класични политичари, кои гледаат само како да победат на изборите, и нешто да закрпат, нешто да излажат и нешто да поднаправат. Костовски рече дека на Македонија, како никогаш до сега им треба нова генерација политичари кои што ќе будат вистински државници.

„На Македонија аи треба нова генерација на политичари кои што, пред се ќе бидат државници. Затоа што државниците во својот центар на делување го носат идентитетот на една држава, на еден народ и никогаш не би го довеле во прашање, како што го доведоа овие предавници позади нас“, дециден беше пратеникот Костовски.

Од блокадата пред Владата под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“, Костовски им порача дека е срамно една Влада да го тера својот народ да биде против државата и својата историја и дека е јадна таа Влада која што ја предводи Зоран Заев и неколкумината околу него кои ги распродаваат националните интереси.

„Затоа, народе македонски да станеме, да станеме како никогаш до сега, да одиме до крај, да бидеме заедно со народот. Нас како ВМРО и целиот народ ни личи да бидеме заедно со Македонија се додека оваа Влада не падне“, порача Костовски.

 

Костовски најави дека утрешниот протест ќе се одржи од 17 часот, за да се избегне создавање гужва по скопските улици за време на најфрекфентниот период со цел да им овозможи на граѓаните да се движат покомотно.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.12.2020 - 17:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега