На вториот ден од учеството на VI-от Конгрес на Светската Конференција за уставна правда, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и судијата проф.д-р Ана Павловска – Данева учествуваа на отворањето на Конгресот на кој се обратија следниве учесници:
– Н.Е. г.Кун Ленартс, претседател на Судот на правдата на Европската унија (видео)
– Н.Е. г.Сако Модибо, претседател на Африканскиот суд за човекови и народни права (видео)
– Н.Е. г-ѓа Ненси Ернандес Лопез, претседател на Меѓуамериканскиот суд за човекови права (видео)
– Н.Е. г.Феликс Болјањос Гарсија, министер за претседателство, правда и парламентарни односи
– Н.Е. г.Џани Букикио, посебен претставник, почесен претседател на Венецијанската комисија при Советот на Европа.
– Н.Е. г.Кандидо Конде-Пумпидо Турон, претседател на Уставниот суд на Шпанија.
На вчерашниот состанок на Конференцијата на европските уставни судови, едногласно беа изгласени следниве одлуки: да се утврдат јасни критериуми за апликациите за нови регионални, субрегионални и лингвистички групи за нивен статус како набљудувач пред да се гласа за истите на пленарниот состанок; да се утврдат критериуми за предлогот за замрзнување на членство, за изземање на Украина од контрибуција за членство за 2025 година, темите за следната европска конференција, како и ставови во однос на предложените измени на статутот што се однесуваат на нивото на Светската конференција.
Учеството на овој конгрес, се искористи и за средби со претседателот на Уставниот суд на Азербејџан, г.Фархад Абдулајев, со претседателот на австрискиот Уставен суд, г. Кристоф Грабенвартер и претседателот на Уставниот суд на Египет, г. Булос Фахми Искандар.
На средбата со претседателот на Уставниот суд на Азербејџан, г. Фархад Абдулајев, беше договорено да се унапреди билатералната соработка меѓу двата суда. Претседателот на Судот, д-р Дарко Костадиновски се заблагодари за поканата за учество на одбележувањето на 30-годишнината од Уставот на Република Азербејџан и меѓународната конференција по тој повод, што ќе се оддржи на 12 ноември 2025 година во Баку, на која ќе учествува судијата д-р Ана Павловска – Данева. На средбата беше договорено во Баку да се допрецизираат динамиката и деталите за натамошно унапредување на билатералната соработка меѓу двата суда.
На маргините на Светскиот конгрес, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и судијата д-р Ана Павловска – Данева остварија средба со претседателот на Врховниот суд на Египет, г. Булос Фахми Искандар. На средбата, претседателот Костадиновски го прифати предлогот од неговиот египетски колега со цел интензивирање на соработката меѓу двата суда во поглед на размена на знаења и искуства за теми од уставната правда, за координирање на ставови на меѓународен план и обука на судии и советници и беше договорено во најскоро време да се потпише Меморандум за соработка меѓу двата суда. Заемно беше констатирано дека двете земји негуваат пријателски односи и во тој дух е неопходно да се унапреди соработката и меѓу двата уставни суда.
Претседателот Костадиновски и судијата д-р Ана Павловска – Данева одржаа средба со претседателот на австрискиот Уставен суд г. Кристоф Грабенвартер и го запознаа соговорникот за клучните предизвици со кои се соочува Судот во извршувањето на неговите уставни надлежности и ја нагласија целосната подготвеност за безкомпромисност и подготвеност да одолеат и да се спротивстават на било какви обиди за влијанија и притисок, без разлика од каде и од кого доаѓа. Почитувањето на уставните вредности и норми, владеењето на правото и унапредувањето на уставната и правната култура се приоритет за Уставниот суд, истакна претседателот Костадиновски. Претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартнер изрази целосна поддршка и помош во соочувањето со предизвиците со охрабрување Судот да продолжи со поставените приоритети. Во таа насока беше договорено двата суда во наредниот период заемно да работат на инструменти и механизми за интензивирање на соработката, особено во делот на унапредување на професионалните знаења и вештини на стручната служба. Во тој ист контекст беше прифатена поканата од претседателот Костадиновски за билатерална посета на претседателот на Уставниот суд на Австрија на Република Северна Македонија и негово учество на самитот на Балканскиот форум следната година во октомври или ноември.

