Костадиновска-Стојчевска: Стратешка цел е да бидеме дел од ЕУ, како Македонци со македонска култура и македонски јазик

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во ексклузивното интервју за албанската телевизија „Топ ченел" на прашање за спорот со Бугарија кажа дека сака да се признае македонската култура, македонскиот јазик, припадност и посебност која ја имаме како Македонци.

-Сакаме да се признае македонската култура, македонскиот јазик, нашата етничка припадност и посебноста што ја имаме како Македонци и како што неколкупати напомена нашиот премиер, „Да“ нашата стратешка цел е да бидеме дел од ЕУ, но не сакаме ништо повеќе или помалку отколку што заслужуваат, сакаат или имаат другите земји-членки на ЕУ, одговори министерката за култура.

Во рамките на Министерскиот состанок за култура на Западен Балкан, таа рече дека културата е делот кој го надополнува секој друг сегмент кој е дел од Отворениот Балкан.

- Како Министерство имаме одлична соработка со двете министерства за култура на Албанија и на Србија и со сигурност можам да кажам дека културата ќе биде највидлива на економската страна, спортот и образованието, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Според неа министерската платформа за култура, иницијативите и состаноците се секогаш добредојдени бидејќи секогаш е добро сите да се на маса за размена на идеи и практики особено проекти посветени на младите.

- Ние имаме многу млади уметници и Министерството за култура има посебен фонд кој инвестира во нивната работа и развој, но морам да истакнам дека културата во Северна Македонија беше единствената што немаше никакво кратење на финансиите бидејќи културата е сегментот кој на луѓето им требаше повеќе од кога било во овие две години, мислам дека ни претстои интересно лето, рече во интервјуто Костадиновска-Стојчевска.

Министрите ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат со младите и културното наследство на министерскиот состанок за лансирање на Првата министерска платформа на Западен Балкан за култура во Тирана, Албанија организиран од страна на Марија Габриел, европска комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади. Во моментот се реализираат 13 проекти во висина од 3 милиони евра кои се наменети за Западен Балкан за да се негува и зачува културното наследство. Оваа платформа има улога, преку неа заеднички да делуваат земјите од регионот на полето на културата.

30.06.2022 - 09:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега