Костадинов: Постигнат е договор помеѓу парламентарните партии за распределба на комисиите во Собранието

 Најверојатно утре ќе заседава собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата со која претседава пратеникот Костадин Костадинов, од СДСМ и на која на дневен ред ќе биде составот на парламентарните комисии.

Костадинов за МИА потврди дека пратениците во Собранието постигнале договор за тоа која пратеничка група со која комисија ќе претседава.

Пратениците од СДСМ ќе претседаваат со осум собраниски комисии, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така со осум, ДУИ со три вклучувајќи ја и Комисијата за уставни прашања, со која претседава претседателот на Собранието, пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе претседаваат со две комисии, а Беса со една.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ го потврдува договорот потенцирајќи дека неговата пратеничка група ќе претседателствува со истите осум комисии како и минатиот состав. Вели дека пратениците од опозициската партија ќе учествуваат на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и на пленарната седница на која треба да биде потврден составот на комисиите.

Собранието на Република Северна Македонија иако конституирано не можеше да ја започне својата работа по законските текстови бидејќи парламентарните партии не можеа да постигнат договор за претседавањето со парламентарните комисии. Исто така, еден од пратениците на ДУИ е болен од Ковид-19, па така во одредени ситуации може да биде доведено во прашање и мнозинството во Парламентот. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.09.2020 - 13:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега