Граѓаните на Косово денеска гласаат на предвремени парламентарни избори, втори по ред во изминатите 11 месеци, во обид да се надмине политичкиот ќор-сокак во кој се најде земјата. Според оценките, левоориентираното движење „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти влегува во изборната трка како главен фаворит, јавува германската новинска агенција ДПА.

Изборите беа распишани откако по редовните избори одржани на 9 февруари, „Самоопределување“, иако освои најмногу гласови, не успеа да обезбеди стабилно парламентарно мнозинство. Како последица на тоа, новоизбраниот парламент не успеа да се конституира, поради недостиг на договор за избор на раководството, што го блокираше неговото функционирање.

Албин Курти е на чело на косовската влада од 2021 година, водејќи реформска политика која, според оценките, досега донесе мешани резултати. Сепак, тој се надева дека на денешните избори ќе обезбеди појасна и посилна поддршка, слична на онаа од 2021 година, кога неговото движење речиси самостојно ја формираше владата.

Во спротивно, повторно се отвора прашањето дали главните политички партии ќе покажат подготвеност за компромис и ќе овозможат формирање коалициска влада.

Гласачките места беа отворени во 7 часот утринава и ќе бидат затворени во 19 часот, а првите изборни резултати се очекуваат во текот на вечерта.

Косово, поранешна српска покраина со мнозинско албанско население, прогласи независност во 2008 година по конфликтот и интервенцијата на НАТО во 1999 година. Земјата досега е признаена од повеќе од 100 држави, но не и од Србија, Русија, Грција и Шпанија, и се смета за потенцијален кандидат за членство во Европската Унија, пренесува ДПА.

Exit mobile version