Кошмарот на сопствениците на електрични автомобили: Знаете ли колку чини замена на батериите?

Кога станува збор за замена на батериите на електричниот автомобил, тоа претставува огромен трошок за сопствениците на еден таков автомобил.

Меѓу најголемите стравувања на сопствениците на електричните автомобили е дефинитивно батеријата која го напојува автомобилот. Кај класичните автомобили со мотор со внатрешно согорување, кога зборуваме за батерија, всушност зборуваме за акумулатор кој е „потрошен материјал“ и се менува прилично едноставно и со не преголем трошок.

Но, кај електричните автомобили, нивната најскапа компонента е всушност самата батерија. Производителите на електрични автомобили нудат големи гаранции за да го олеснат тој страв кај купувачите, но надвор од гарантниот рок, цената за замена на батерија прераснува во кошмар.

Конкретно, цената на нова батерија за Tesla Model 3 чини 16 илјади долари, пренесува Current Automotive, повикувајќи се на сметка од Tesla која е објавена.

Тие нагласуваат дека за најголемиот дел од електричните автомобили, гаранцијата на батеријата трае 8 години или 160 илјади поминати километри, но исто така на батеријата може да ѝ се случи нешто што не спаѓа под гаранција. Гаранциите покриваат фабрички грешки или маани, но не и штетата која корисникот би можел да му ја направи на батеријата, свесно или несвесно.

Сметката на која Current Automotive се повикува е поврзана со Tesla Model 3 чие подвозје удрило во поголем камен. Со оглед на тоа што батеријата кај автомобилите на Tesla е сместена во подвозјето, ударот ја оштетил батеријата која престанала да работи. Тој автомобил бил целосно мртов по доаѓањето во сервисот на Tesla, а ударот во каменот се категризира како оштетување предизвикано од „останати надворешни сили“ и не подлежи на гаранција.

Помалку бизарно е тоа што, на пример, под гаранција спаѓа избивање на пожар на батеријата, па дури и ако е по грешка на сопственикот. Меѓутоа, сопственикот на Model 3 кој доби сметка од 16 илјади долари за замена на батеријата, со ударот во каменот не предизвикал пожар, па затоа и не важи гаранцијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.01.2021 - 09:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега