„Корковадо“: Грејдерите за потребите на Армијата на РСМ не се исти со оној продаден во Србија

Српска компанија „Корковадо“, преку која беа набавени машини-грејдери за потребите на Армијата, денеска ги демантираше тврдењата за злоупотреби и неправилности при реализацијата на набавката, оценувајќи дека станува збор за „лаги и злонамерни манипулации со фактите“.

– Разбирам што е политичка борба, но мојата компанија е обвинета во медиумите од страна на целосни незнајковци и луѓе кои не се разбираат во техника и машини, вели во демантот директорот на „Корковадо“, Дејан Станојковиќ.

Тој посочува дека грејдерите за потребите на Армијата биле продадени по цена од 197.000 евра за праче без ДДВ, како и дека овие машини и онаа што фирмата ја продала во Србија по пониска цена, воопшто не се исти.

– Тие само изгледаат исто, како што сите грејдери на светот изгледаат исто. Постојат огромни разлики. Вашите грејдери имаат погон и на предните оски што не е случај со грејдерот во Србија. Само тој додаток чини 40.000 евра, се наведува во демантот.

Во соопштението се посочува дека моторите во грејдерите набавени за нашата Армија, производство на еден од најдобрите производители во светото „Каминс“, се поголеми и помоќни од оние во машината продадена во Србија, како и дека поради дополнителниот хидрауличен погон со хидромотори на предните тркала, потребен е помоќен мотор, бидејќи тој покренува и дополнителна моќна и голема хидро пумпа, што автоматски го прави поскап.

– Вашите грејдери имаа мотори со моќност од 164 киловати, а грејдерот испорачан во Трговиште (Србија) има 125 киловати. Вашите грејдери имаат ЗФ-троник менувачи од германски производител (најдобри менувачи во светот), што не е случај со грејдерот во Србија. Вашите грејдери имаат „пливачки од“ на средниот и на предниот нож, што претставува врвна технологија и ретко кој производител ја има таа опција, се додава во демантот.

Станојковиќ во соопштението посочува дека грејдерите за нашата Армија се и габаритно поголеми, што „злобните луѓе нема да го забележат затоа што не сакаат“.

– Секој кој и малку се разбира во техника ќе ги разбере овие наводи и ќе сфати дека машините воопшто не се исти. Напротив постои огромна разлика, но за незнајковците и злобните луѓе тоа не значи ништо. Купувачот поради ограничени средства купил многу поедноставна машина. Морам да напоменам дека кај вас имаше јавна набавка на која можеа да се јават сите продавачи на грејдери. Исто така, имаше и е-аукција на која учествуваа три фирми. Зошто не ги намалиле цените, ако моите грејдери се скапи. Напоменувам дека другите имаа многу повисоки цени и дека цената по која ги купивте грејдерите е исклучително добра, бидејќи доколку мојата компанија не беше на тој тендер, истите машини ќе ги платевте многу поскапо, истакнува Станојковиќ во демантот.

ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека Министерството за одбрана преку јавна набавка набавило две тешки машини грејдери за потребите на Армијата од „Корковадо“ по цена од 232.426 евра по машина, додека, според партијата, истата компанија на српска институција и продала таква машина во вредност од 108.000 евра.

На тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ уште вчера реагираше Министерството за одбрана тврдејќи дека во целата постапка за јавната набавка на грејдерите биле почитувани сите законски одредби.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.02.2020 - 16:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега