Комитетот за човекови права на Обединетите нации донесе заклучок дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на македонски активист, коосновач на невладина организација, откако домашните судови ја одбиле регистрацијата на здружението без соодветно законско образложение.

Во „Ставовите“ објавени од страна на Комитетот, се разгледува поединечна претставка поднесена според Првиот факултативен протокол. Подносителот, кој е историчар по професија, тврди дека повеќе организации на етничките Македонци во Бугарија биле систематски одбивани за регистрација како резултат на политика на негирање на македонскиот етнички идентитет.

Случајот „Толеранција“

Во конкретниот случај, барањето за регистрација на здружението „Комитет за заштита на човековите права – Толеранција“, поднесено согласно Законот за непрофитни правни лица, било одбиено. И покрај тоа што подносителот ги доставил сите неопходни документи и дополнителни информации за активностите на здружението, бугарските власти донеле одлука без конкретно образложение, само со цитирање на одредби од законот. Апелациониот суд ја потврдил ваквата одлука, исто така без да понуди детална аргументација.

Комитетот на ОН оцени дека одлуките на бугарските судови биле „прекумерно формалистички“ и дека не била земена предвид доставената дополнителна документација.

„Плурализмот мора да се заштити“

Членот на Комитетот, Ивон Дондерс, нагласи дека целосното остварување на правото на здружување е столб на демократското општество.

„Постоењето на здруженија кои мирно промовираат идеи за толеранција и соживот меѓу различните етнички групи мора да биде заштитено, дури и ако нивните ставови не се споделени од властите или мнозинството од населението“, истакна Дондерс.

Според Комитетот, Бугарија не успеала да ја оправда неопходноста и пропорционалноста на одбивањето за регистрација, што претставува директно кршење на правото на слобода на здружување.

Барања до бугарските власти

Комитетот за човекови права на ОН побара од официјална Софија:

  • Да ги преиспита домашните судски одлуки со кои беше одбиена регистрацијата.
  • Да обезбеди соодветна отштета за подносителот, вклучително и надомест на судските трошоци.
  • Да извести во рок од 180 дена за преземените мерки со кои ќе се отстрани констатираната повреда.

Овој случај се смета за значаен показател за важноста на улогата на судството во заштитата на владеењето на правото и овозможувањето ефективни правни лекови за граѓаните.

Exit mobile version