Колку е всушност лоша економската ситуација во која се наоѓа Македонија?

И додека од Министерството за финансии тврдат дека нашата економија е стабилна, податоците кои ги објавува истата институција покажуваат дека економијата веројатно никогаш не била во полоша ситуација.

Во моментов јавниот долг на државата изнесува околу 7,38 милијарди евра, а пред 2 години беше 5 милијарди евра. Пресметките покажуваат дека за само 24 месеци во ковид кризата долгот се зголемил за речи си половина од тоа што сме го собирале како долг во последните 30 години. Ако до пред две години сме должеле вкупно околу 5 милијарди евра, сега должиме уште 2,3 милијарди повеќе од тоа и овој долг сме го направиле за само две години.

На пример во периодот од 2019 до 2020 година според официјалните податоци кои ги објавува Министерството за финансии јавниот долг се зголемил од 48,9% на 60,2% од бруто домашниот производ за сега во моментов да изнесува историски највисоки 64,4% од БДП.

Кога сме кај бруто домашниот производ и тој не бележи некои спектакуларни резултати. Лани економијата потона за 4,5% додека во последните 5 години најголем раст имало во 2019 и тој изнесувал скромни 3,2%.

Во последните 5 години просекот на раст на економијата изнесува 1.06% на годишно ниво. Што значи тоа во бројки. За да ги вратиме оние 2,3 милијарди евра долг кои ги направивме во последните 2 години нашата економија ќе треба да порасне за околу 25% односно нашиот БДП да скокне од 12 на околу 15 милијарди долари. Со ова темпо на раст на економијата и под услов воопшто да не се задолжуваме што секако не е можно, за тоа ќе ни треба и повеќе од една деценија.

02.09.2021 - 11:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа