Колевски: Законот за ЈО нуди механизми за спречување влијанија, но тоа најмногу зависи од обвинителите

Законот за јавното обвинителство нуди механизми за спречување влијанија, но тоа сепак не зависи од законските одредби туку од самите јавни обвинители колку законитото, објективното и непристрасно ќе постапуваат, вели во изјава за МИА претседателот на Советот на јавните обвинители, Ацо Колевски.

-Законот за јавното обвинителство може да воспостави одредени механизми за спречување на било какви влијанија, но самиот закон не е доволен за да го спречи тоа. Законитото, објективното и непристрасно постапување на јавните обвинители е најголемата брана за спречување на надворешните влијанија, истакнува Колевски.

Законот, како што појаснува, не донесува промени во однос на овластувањата на јавните обвинители во јавното обвинителство на Република Северна Македонија, освен во однос на овластувањата на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кој добива повеќе самостојност при обавување на функцијата.

– Самостојноста на основниот јавен обвинител на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција е во поглед на тоа што без негова согласност републичкиот јавен обвинител да не може да преземе кривично гонење или вршење на определени работи за кои е надлежно Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Исто така јавните обвинители во ова обвинителство не можат да бидат времено упатени во друго јавно обвинителство, вели Колевски.

Според претседателот на Советот на јавни обвинители, борбата против организираниот криминал може да се подобри, првенствено со пополнување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со квалитетни обвинители, односно со доволен број на јавни обвинители кои ќе ја обавуваат функцијата, пополнување со доволен стручен и административен персонал, истражители, со формирање на истражен центар и со обезбедување на материјално финансиски средства за обавување на функцијата.

-Нормативниот дел за регулирање на функционирањето на јавното обвинителство, сам по себе не може да придонесе за подобрување на состојбите доколку не бидат исполнети наведените услови, додава Колевски.

Претседателот на Советот за јавни обвинители на јавната расправа за Законот што се одржа во Собранието се задржа на оние делови од законскиот текст кои го засегаат самиот Совет, односно на некои недоречености, но даде поддршка на потребата од носење на законот.

Со одредбата од член 109 од Законот за јавното обвинителство спротивно на Законот за Совет на јавните обвинители,  на Советот, како што вели Колевски, му се наметнува во кој правец да донесе одлука, со што се навлегува во самостојноста на Советот, во неговото овластување  да го определува бројот на јавните обвинители во јавните обвинителства, конкретно во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-Систематизацијата во јавните обвинителства, односно одлуката за зголемување на бројот на јавни обвинители во поедино обвинителство се утврдува откако ќе се прибават податоци за бројот на кривичните пријави, предмети кои се решаваат или се уште се во фаза на кривична постапка, сложеноста на предметите, времето на донесување на одлука и други параметри, смета Колевски.

Донесената одлука за систематизација, кско што посочувса тој, се носи врз оснава на анализа на овие податоци, и треба да биде одраз на реалните потреби за пополнување со јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Законот за јавно обвинителство беше изгласан во Собранието на 16-ти февруари, а ќе почне да се применува од 30 јуни 2020 година.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.02.2020 - 11:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега