Во Србија почна изборниот молк, кој ќе трае до недела во 20 часот, кога ќе бидат затворени избирачките места за предвремените парламентарни избори. На овие избори, кои аналитичарите ги оценуваат како меѓу најнеизвесните од воведувањето на повеќепартискиот систем во 1990 година, во трка за 250 пратенички места во Народното собрание се 18 изборни листи.
Право на глас имаат околу 6,45 милиони граѓани, а гласањето ќе се одвива на вкупно 8.392 избирачки места, од кои 93 се отворени во странство. Во Босна и Херцеговина ќе функционираат 27 избирачки места, каде што за гласање се пријавени околу 20 000 српски државјани, од кои над 90 отсто се во Република Српска.
За време на изборниот молк строго е забрането претставување на кандидатите и нивните програми во медиумите и на јавни собири, повикување на граѓаните за или против одредена листа, како и објавување процени за резултатите пред затворањето на гласачките места. За прекршување на овие правила предвидени се високи парични казни – од 100.000 до 600.000 динари за правните лица, додека за физичките лица казни се движат од 10.000 до 40.000 динари.
Два дена пред изборите, анкетите не покажуваат јасен фаворит, а поддршката меѓу главните конкуренти, како студентската листа „Студентите победуваат“ и листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, варира во зависност од истражувањата. Покрај нив, во изборната трка учествуваат и листите предводени од Ивица Дачиќ, Расим Љајиќ, Милош Јовановиќ, Мариника Тепиќ и Здравко Понош, како и многу други политички субјекти и коалиции.
Во пресрет на изборниот ден, во Србија се одржа и масовен студентски митинг во Белград, а во текот на изминатите денови полицијата спроведе голема акција за апсење на група осомничена за планирање масовни немири на денот на изборите.


