Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска истакна дека Обвинителството очекува транспарентна постапка за судењето за пожарот во „Пулс“ во Кочани, кое почна денеска.
„Очекуваме транспарентна постапка, динамиката на судење ја определува судот. Од наша страна се исполнети сите услови, ангажирав дополнително уште неколку обвинители за да не се одолговлекува постапката од ЈО“, изјави Коцевски одговарајќи на прашање за неговите лични очекувања за судскиот процес.
Во интервју за Дневникот на ТВ Сител, тој додаде дека не верува дека периодот до првостепената одлука ќе биде долг, бидејќи постојат определени рокови.
Коцевски нагласи дека погрешно било гледањето оти Обвинителството оставило простор за одолговлекување на постапката, бидејќи станува збор за 35 обвинети кои мора да бидат опфатени во истиот предмет. „Размислувавме дали овој предмет можел да се подели по институции, по периоди, дали ОЈО можело да направи друга евентуална распределба зашто во почетокот имаше 48 осомничени. Меѓутоа се подигна обвинение само за 35 физички и три правни лица, што значи дека бројот на обвинети не е голем. Во спротивно, доколку би се раздвоила постапката, тогаш има законска можност едните обвинети да бидат сведоци во друга постапка. Се работи за исти докази кои би се повторувале во двете постапки и тоа би довело до поголемо одолговлекување на постапката. Затоа тимот на јавни обвинители одлучи да се води една постапка против сите обвинети и сметам дека тоа е најцелисходно решение“, рече Коцевски.
Тој посочи дека досега имале три средби со родителите на жртвите во „Пулс“, последната минатата недела, и дека тие се запознаени со сите аспекти на обвинението, им биле објаснети сите околности и текот на постапката, како и одговорено на сите нивни прашања.

