Коцевски: Состојбата со Ковид-19 во Велес е аларманта
По денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес, градоначалникот Аце Коцевски на прес-конференција оцени дека епидемиолошката состојбата со Ковид-19 во велешко е алармантна, а вирусот е широко распостранет и голем дел од лицата кои се позитивни, не можат со сигурност да кажат од каде се заразиле.
Како што изјави Коцевски, некои изјавиле дека се заразиле во текот на патувањето до работното место, а други на работното место.
– Во текот на изминатото деноноќие како последица од Ковид-19, во Општата болница – Велес за жал починаа тројца пациенти, двајца од Велес и еден од Свети Николе. Сериозна е состојбата во Велешката болница, каде доаѓаат пациенти со тешки симптоми, а капацитетот се исполнува. Се размислува Физикалното одделение да се пренамени за пациенти со Ковид-19, потенцира Коцевски.
На Инфективното одделение во болницата во Велес хоспитализирани се 35 пациенти, од кои 33 се потврдени позитивни случаи на Ковид-19, двајца се негативни, но имаат потешка клиничка слика. Од нив, 24 се од Велес, шест од Свети Николе, двајца од Градско, двајца од Демир Капија и еден од Неготино.
Коцевски апелираше до жителите на Општина Велес да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од ширење на Ковид-19.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа