Клековски: Протестот на 18-ти јуни е чекор за делегитимирање на власта, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи летово да го зголемува притисокот

Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија, кажа дека на протестот ќе се пренесе пораката дека Владата е нелегитимна.

„Јас сум убеден дека протестот ќе ја пренесе порака која е неопходна дека оваа Влада е нелегитимна, и дека покрај сите понудени чекори претходни сега не преостанува ниеден друг излез освен да имаме предвремени парламентарни избори. Не само што протестот ќе го докаже тоа туку и јас сум убеден дека и случувањата после протестот само понатаму ќе ја делигитимираат оваа Влада. И нема да остане друг излез освен да побараме решение за нашите проблеми, односно за проблемите на Македонија на избори“, истакна Клековски.

Клековски додаде дека изборите служат да граѓаните си одлучат меѓу различни опции, меѓу различни решенија. ВМРО-ДПМНЕ веќе поодамна нуди одредени решенија меѓутоа власта е глува за истите решенија.

„Мислам дека е време поради неуспесите која ги нижи оваа Влада да дојдеме до момент да граѓаните повторно одлучат кој треба да го има мандатот“, нагласи Клековски.

Тој посочи дека е важно што ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија понуди неколку опции за излегување од политичката криза во која што се наоѓа државата. А, тука се вклучува и понудата за средба со Ковачевски и разговор за можни работни групи за прашањата за ЕУ интеграции, за економија, за образование, здравство. Тоа беше еден вид на чекор за обединување или мобилизација на сите сили до предвремени избори бидејќи сепак има разлика како партиите ги гледаат решенијата за одредени работи.

„Датумот за протестот беше одреден демократски и имавме расправа, некои членови на Извршниот комитет сметаа дека е подобро веднаш, а некои сметаа дека е подобро да се испрати една одредена порака и до ЕУ, а не само кон Владата на една недела пред ЕУ одлучувањата за Македонија. Така да се процени дека ова е најпогоден датум за овој протест. А, овој протест е еден чекор за делегитимирање на власта, а ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи низ летото да го зголемува притисокот и да укажува дека Владата е нелегитимна и единствено решение ни се предвремени избори“, појасни Клековски.

Клековски укажа дека за предвремени парламентарни избори најпогоден рок е есента.

16.06.2022 - 18:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега