Ќе понуди ли некој оставка за несреќата во Бугарија?

Изминува третиот ден по кобната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија а се уште никој во Македонија не понел морална одговорност.
За почеток, се поставува прашањето, дали воопшто нешто работеле службите кои се одговорни да го контролираат и меѓународниот и домашниот транспорт. За само неколку години ова е втора катастрофална сообраќајна несреќа која зави во црно голем број македонски семејства. По онаа со автобусот на Дурмо Турс кој возел врз основа на документи за техничка исправност кој сам на себе си ги издал, сега повторно имаме сообраќајна несреќа со автобус за кој не се знае нити кога ниту како излегол од Македонија а што е уште поскандалозно, ниту кој се превезувал во него.
Надлежното Министерство за транспорт нема одговор, како е можно фирма која нема соодветна лиценца за конкретниот автобус со него да излезе од Македонија и во смрт да однесе според последните информации 44 лица.
Надлежната Царинска управа не знае кој влегол и кој излегол од Македонија. Ние веројатно сме единствената земја во светот која нема податоци кои лица влегуваат и излегуваат од нашите граници.
Дополнително, Министерството за внатрешни работи на Македонија нема апсолутно никаква информација до овој момент за тоа колку луѓе заминале од Македонија а колкумина се вратиле иако, тоа би требало да биде едноставна процедура имајќи предвид дека податоците од граничните премини се собираат дигитално и се што треба е да се направи проверка на луѓето кои влегле и излегле од државата, а дополнително може да се направат споредби и со податоците на граничните служби од Бугарија и Турција.
Македонија е веројатно единствената држава во светот која може да „изгуби“ човек на патот меѓу Турција и Македонија и речи си три дена по несреќата се уште да не се знае колку точно жртви има и колкумина патници од запалениот автобус успеале да се спасат.
До овој момент се се сведува на суспензија и дисциплинска постапка за три лица вработени во Царината кои на крајот во „најлош случај“ ќе завршат со 20% казна на плата.
За потсетување, Македонија пред само неколку месеци се соочи со уште една трагедија во модуларната болница во Тетово.
Иако се најавуваше брза истрага, безмалку 3 месеци подоцна имаме само понудена и одбиена оставка на Министерот Филипче и лоцирана вина во продолжен кабел. 


 

25.11.2021 - 18:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега