По обилните врнежи на територијата на Република Северна Македонија, состојбата во најголем дел од државата е стабилизирана, а водостоите на реките се во опаѓање.
Во Пелагонискиот регион, во Битола состојбата е нормализирана, а екипи на ЈП „Нискоградба“ работат на санација на оштетени патишта. Во Општина Демир Хисар водата е повлечена во речните корита, но останати се заезерени земјоделски површини во неколку села. Локалниот пат кон с. Мренога е затворен поради оштетен мост, за кој ќе следи стручна проценка и санација. Во Крушево и Ресен состојбата е стабилна, без опасност од излевање на реките.
Во Југозападниот регион, во Охрид нема поплавени објекти и водостоите се намалени, со повремени мали одрони кои се расчистуваат. Во Струга евидентирани се поплавени дворови и земјоделски површини во селата Мислешево и Калишта, при што водата постепено се повлекува. Во Дебар и Центар Жупа состојбата е редовна, со појава на одрони кои се чистат.
Во Западниот регион, во Кичево состојбата е стабилна, водостоите на реките се намалуваат, а во тек е расчистување на последиците од поплавите со ангажман на комунални служби, АРМ и локалното население. Евакуираните лица сè уште се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Вардарскиот регион, во ридско-планинските подрачја на Општина Кавадарци се интервенира поради снежна покривка, при што сите патни правци се проодни.
Во Североисточниот регион, нема излевање на реките, а сите главни и локални патишта се проодни и редовно се чистат. На регионалниот пат П’клиште – Герман се работи на дополнително расчистување во зимски услови.
Во Полошкиот регион, сите патни правци во Тетово и Гостивар се проодни, снабдувањето со електрична енергија е редовно и нема нарушувања.
Во Југоисточниот и Источниот регион, нема пријави за штети, излевање на реки или непроодни патишта. На одредени патни правци има појава на ситни одрони кои континуирано се расчистуваат, а сообраќајот се одвива без поголеми застои.

