Кејт Мидлтон поддржа нова кампања што го привлекува вниманието кон честопати невидливите предизвици на менталното здравје на мајките.
Во емотивно писмо, таа ја пофали работата на Maternal Mental Health Alliancea (MMHA) и нивната нова фотографска изложба „Ова е исто така мајчинство“, која ги обединува приказните на жени кои се соочуваат со перинатални тешкотии во менталното здравје – од бременост до рано родителство.
-Maternal Mental Health Alliancea продолжува да им дава глас на жените кои се соочуваат со перинатални тешкотии во менталното здравје. Нивната нова изложба ги истражува невидливите предизвици со кои се соочуваат многу жени за време на бременоста и по породувањето, рече Кејт.
Таа, исто така, ја истакна храброста на десетте жени чии приказни се во срцето на изложбата: „Нивната отвореност, без разлика дали станува збор за траума, среќа или отпорност, ја покажува целата ранливост, но и силата на тоа да се биде човек. Нивните сведоштва нè потсетуваат дека никој не треба да поминува низ перинаталниот период сам.“
Принцезата, која е покровител на MMHA од 2022 година, ја нагласи важноста на достапната поддршка за секое семејство „пред, за време и по бременоста“. Таа верува дека изложбата јасно ја демонстрира основната мисија на здружението – да се осигури дека секое семејство во Обединетото Кралство ја добива потребната ментална поддршка.
Експертите истакнуваат дека преку оваа покровителска улога се комбинираат две области што Кејт особено ги нагласува од почетокот на нејзините кралски должности – менталното здравје и благосостојбата на децата на рана возраст.

