„Кажете еднаш засекогаш НЕ за криминалот“- петиција за поддршка за инспекторот Илиевски

Кажете еднаш засекогаш НЕ за криминалот во Македонија, е мотото на петицијата на која граѓаните ќе може електронски да дадат поддршка за просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски. Инспекторот обелодени дека јавни функционери незаконски стекнувале факултетски звања на Државниот универзитет во Тетово, меѓу кои и актуелниот министер за образование, Арбер Адеми.

Инспекторот Илиевски изјави дека по објавените материјали во јавноста, очекува директорот да му даде отказ на шест месеци пред пензија, најавувајќи дека целиот случај ќе продолжи да го води низ судска постапка. Илиевски изминатиот период со доставување документи и отворени писма во медиумите откри дека при инспекциите биле утврдени незаконските унапредувања на јавни функционери во наставно-научни звања на Државниот универзитет во Тетово.

Дисциплинската комисија при Државниот просветен инспекторат во петокот утврди дека има основи дисциплински да се казни инспекторот Илиевски и кратко соопшти дека утврдиле прекршок, но не сакаа да откријат повеќе детали за причините.

Инспекторот Илиевски изјави дека се сомнева дека процесот против него се води поради тоа што зборувал во медиумите, имал средби со амбасадори и се обратил до другите институции да ги истражуваат незаконските дејства за кои алармирал.

Постапката ја поведе Африм Саљиу, раководител на секторот за високо образование, а дисциплинската постапка за утврдување дисциплинска одговорност е испратена со потпис на директорот на ДПИ, Томе Спировски.

Потписниците на петицијата на овој начин отворено може да дадат поддршка за инспекторот Илиевски. До сега поддршка за инспекторот дадоа над 1.900 граѓани.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.07.2019 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа