Кавадарчанец вчера два пати бил лишен од слобода откако полицијата го затекнала како управува мопед и возило без дозвола.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека вчера при сообраќајна контрола на улицата „Дисанска“ во Кавадарци, полицајци запреле мопед со кавадаречки регистарски ознаки и констатирале дека 34-годишниот К. М. го управува без положен возачки испит.
Со насоки од јавен обвинител тој бил приведен во полициска станица, а мопедот бил одземен.
Неколку часа откако бил пуштен од полициска станица, истото лице околу 20:10 часот повторно било затекнато од полициски службеници. Овој пат, К. М. управувал патничко возило „фолксваген голф“, повторно без возачка дозвола, односно без положен возачки испит.
Тој повторно бил приведен во полициска станица, а возилото било привремено одземено.
Од МВР велат дека по документирањето на случаите, против него ќе бидат поднесени соодветни пријави.


