Касидиарис од Златна зора формира нова националистичка партија

Поранешниот пратеник од Златна зора и еден од членовите што беа високо во партиската хиерархија, но и меѓу обвинетите во судскиот случај за формирање криминална организација, Илиас Касидиарис, денеска најави дека формира нова партија со цел, како што вели „Грција одново да стане голема и силна” и да се спротивстави на „исламизацијата и планот за замена на грчкото население”, јави дописничката на МИА од Атина.

Преку седум минутна видео порака, која самиот ја нарекува обраќање до јавноста, вели дека иницијативата е да се формира движење на Грци „за национално преживување и одново раѓање на хеленизмот”  и „за една и единствена визија: голема слободна и силна Грција”

-Се спроведува организиран план за замена на населението. За неколку децении, ние и нашите деца сме во опасност да бидеме малцинство во нашата татковина, вели Касидиарис, ги обвинува Нова демократија дека се „измамници кои секојдневно промовираат план за исламизација и дехеленизација на Грција”  и медиумите дека го прикриваат овој план.

Ги повикува Грците да се приклучат, да достават предлози, а за две седмици ќе се презентира името, знакот и политичката линија на партијата.

Касидиарис беше портпарол на партијата и високо во партиската хиерархија, но и во хиерархијата на криминалната организација Златна зора, според судскиот процес што од април 2015 се води против партијата, а во следните месеци се очекуваат и пресудите.

Во предизборниот период во 2012 година, Касидиарис, за време на ТВ емисија во живо најпрво фрли чаша вода врз членка на СИРИЗА, а потоа со шлаканици нападна пратеничка од Комунистичката партија на Грција, а како пратеник, беше протагонист во  неколку инциденти и во грчкиот Парламент.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.05.2020 - 19:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега