Коалицијата ВРЕДИ ја прифати поканата на премиерот Христијан Мицкоски и утре ќе учествува на лидерската средба во Клубот на пратеници. Координаторот на пратеничката група, Беким Ќоку, денеска потврди дека коалицијата ќе биде претставена од еден од нејзините лидери, Биљал Касами.
Главен акцент на нивната позиција е укинувањето на техничката (Пржинска) влада. Според ВРЕДИ, ваквиот модел е застарен и не и доликува на земја која претендира за членство во ЕУ.
„Државата веќе не е во кризен модус. На Локалните избори докажавме дека можеме да организираме фер и демократски процеси и без техничка влада. Не е нормално држава пред вратите на ЕУ да има влада која индиректно сугерира дека институциите немаат кредибилитет“, изјави Ќоку.

