Руско-американскиот кардиолог и хирург за трансплантација на срце, д-р Дмитриј Јаранов го објасни клучниот тест на крвта што луѓето треба да го направат за да ja проценат опасноста од срцев удар. Притоа, тој на својата Инстаграм-страница истакна дека еден крвен тест може да предвиди дали некое лице е изложено на зголемен ризик, дури и ако нивото на холестерол е во нормални граници.

Имено, според наводите, нивото холестерол може да биде „нормално“, додека истовремено воспаленијата во телото може да бидат опасно високи.

– Ова е крвен тест кој предвидува срцев удар. Не е за холестерол. ЦРП т.е. Ц-реактивен протеин е маркер на воспаление, а високите нивоа се поврзани со до трикратно зголемена опасност од срцев удар. А еве ја и другата страна: Вашиот холестерол може да биде „нормален“, а Вашиот ЦРП сепак може да биде опасно висок, нагласува д-р Јаранов.

Зошто хроничното воспаление е опасно? Лекарот објаснува дека хроничното воспаление е црвено светло за голем број проблеми поврзани со срцето и крвните садови.

– Хроничното воспаление доведува до оштетување на артериите, нестабилност на плаките и поголем ризик од мозочен удар, срцев удар и периферна артериска болест (ПАД), вели тој.

Како да се намали покачениот ЦРП? Докторот, исто така, сподели неколку практични совети за намалување на нивоата на Ц-реактивниот протеин и целокупното воспаление во телото.

Јадете интегрална храна: Зголемете го внесот на храна од растително потекло како овошје, зеленчук, интегрални житарки и мешунки.

Движете се: Редовната физичка активност е клучна, дури и ако е само едноставна прошетка.

Управувајте со вашата тежина: Губењето на вишокот тежина директно го намалува воспалението во телото.

Престанете да пушите: Познато е дека пушењето е еден од главните предизвикувачи на хронично воспаление.

Консултирајте се со лекар: Прашајте го Вашиот лекар за земање антиинфламаторни лекови доколку е потребно за Вашата состојба.

Иако следењето на нивото на холестерол е сè уште важно, овој тест нуди подлабок увид во здравјето на срцето. Разговорот со лекарот за тестирање за ЦРП може да ви даде поцелосна слика за опасностите од срцеви болести и да помогне во превенцијата.  

Leave A Reply

Exit mobile version