Каракачанов: Не се доволни изјавите на Заев, ни треба гаранција со анекс на Договорот

 Интервјуто на премиерот Зоран Заев за агенцијата БГНЕС, претставува мал чекор во вистинската насока, изјави денеска во Велико Трново бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

– За ова му честитам на Заев. Тој собра храброст, поради што некои од неговите противници го критикуваат. Ако се продоложи вака, мислам дека следната година можеме да зборуваме за започнување на преговарачкиот процес, изјави Каракачанов при посетата на Националниот воен универзитет „Васил Левски“ во Велико Траново, кој одбележува 142 години од почетокот на военото образование во Бугарија.

Како што јави БГНЕС, осврнувајќи се на ставот на Заев за заедничка историја на двете земји, Каракачанов нагласи дека „историјата е заедничка, но мора да се разјасни чија е“.

– Таа е заедничка, но тоа е бугарска историја, изјави Каракачанов, додавајќи дека Бугарија мора да го брани својот национален интерес.

Тој истакна дека сега на Бугарија ѝ требаат конкретни гаранции. Според него, тие не можат да бидат поткрепени само со декларација и нагласи дека е потребно да се склучи писмен документ – потпишување анекс или нов договор.

„Кога – со рокови, бидејќи самиот процес на преговори е долг. Може да трае до 10 години. Сепак, за да се согласиме да започнеме, сакаме пишан план. Ние сакаме овој услов да биде многу јасен во договорот со ЕУ и да биде јасно дека можеме да го запреме овој процес во секое време доколку договорот меѓу Бугарија и Македонија не биде исполнет од нивна страна“, нагласи Каракачанов.

Според него, Бугарија треба да направи чекор и смело да ги брани своите интереси.

„Всушност, станува збор за бугарски национален интерес. Можеби сме помала земја во ЕУ, но имаме достоинство и имаме право да го браниме. Ова е она што Бугарија мора да го стори, да ги брани своите интереси“, вели Каракачанов.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.11.2020 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега